За големите не е проблем, но како малите да земат кредит

Bez autora
Dec 03 2014

За големите компании во земјава кои имаат етаблиран бизнис и издржани проекти, сега не само што не е проблем да дојдат до банкарски кредит, туку нив ги добиваат и по историски најниски каматни стапки. Но, што правиме со малите и средните претпријатија, како и со почетните бизниси, кои и натаму тешко доаѓаат до потребните пари. Ова прашање денеска многу прецизно им беше поставено на банкарите, но и на креаторите на економската и монетарната политика, на 12. по ред „Финекспо“, на кој се одржа тркалезна маса посветена на состојбите во финансискиот сектор и нивното влијание врз развојот на реалната економија.

За големите не е проблем, но како малите да земат кредитЗа големите компании во земјава кои имаат етаблиран бизнис и издржани проекти, сега не само што не е проблем да дојдат до банкарски кредит, туку нив ги добиваат и по историски најниски каматни стапки. Но, што правиме со малите и средните претпријатија, како и со почетните бизниси, кои и натаму тешко доаѓаат до потребните пари.

Ова прашање денеска многу прецизно им беше поставено на банкарите, но и на креаторите на економската и монетарната политика, на 12. по ред „Финекспо“, на кој се одржа тркалезна маса посветена на состојбите во финансискиот сектор и нивното влијание врз развојот на реалната економија.

„Секоја година овде слушаме дека за добрите и издржани проекти, со добар бизнис- план, банките немаат проблем да ги кредитираат. Но, што станува со поддршката на старт-ап бизнисите, на претприемаштвото? Кај ни една од банките не постои ниту еден бизнис-продукт кој би дал импулс за овие старт-ап бизниси. Кога ќе се даде оваа поддршка?“, вака до банкарите се обрати Даниела Арсовска, претседателка на Сојузот на Стопански комори.

Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежната компанија „Адора“, смета дека макроекономската стабилност што долг период наназад се одржува во земјава, е една од главните придобивки. „Компаниите користиме кредити по стапки од 5 отсто. Тие може да се и 2-3 отсто, може да се и 0 отсто, но тоа е небитно ако немаме стабилност и здрав банкарски сектор. И затоа, тоа здравото е основата, и мора да опстане и во следниот период“, рече овој бизнисмен.

Гувернерот Богов вели дека зад нас е една добра година, а очекува позитивните трендови да продолжат и в година. Но, тој истакна еден многу значаен предизвик, кој преку Европа ќе се рефлектира и во нашата земја. „ЕУ ќе го стабилизира својот банкарски систем, но тие активности кои значат стабилизација кај нив, кај нас ќе имаат негативни влијанија“, рече Богов. Станува збор за мерките кои ќе ги преземаат европските банки, кои ќе важат и за нивните банки-ќерки во земјава, а што може да се одрази врз ограничување на кредитирањето. Според гувернерот, земјите од регионов што не се членки на ЕУ токму вчера во Скопје разговарале на таа тема. Богов нагласи и дека во Европа се' повеќе се дава третман на малите и средните претпријатија, кои се споменуваат како клучен фактор за растот во ЕУ, и за нив треба да се обезбедат повеќе стимулации. „Кај нас е исто, имаме 9,7 отсто кредитен раст, но тој главно е насочен кон поголемите претпријатија, а малите имаат потежок пристап до финансирање. Затоа треба да им се помогне преку гарантни фондови на овие претпријатија. Но, често кај овие фирми се случува по првичниот успех, да западнат во нерационални инвестиции и да го уништат бизнисот, што потоа влијае врз банките, и затоа банките тука треба да помогнат со својата експертиза“, рече Богов. Според гувернерот, лошите кредити во земјава некогаш растат, некогаш се намалуваат, а сега се во фаза на стагнација и се движат околу 12 отсто, и од нив половина се целосно резервирани, а половина не се целосно, што дава добра слика за земјава.

Министерот Зоран Ставрески нагласи дека стапката на кредитен раст се движи кон 10 проценти, што овозможува соодветна поддршка на економијата. Дополнителна поддршка од 1 јануари идната година, фирмите, а особено старт-ап бизнисите, може да очекуваат преку Фондот за иновации што го формира Владата и кој оттогаш треба да почне да функционира. Тој ќе работи преку четири пункта, главно преку кофинансирање на новите проекти, што треба да даде значајна поддршка за овие фирми. Ова е тоа што може да помогне Владата, а во нивниот дел треба да кажат банкарите, рече Ставрески.

Министерот, за натамошно зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците и за апсорбирање на загубите, најави менување на Законот за банки, како и на законската регулатива во делот на супервизија на осигурувањето.

Министерот истакна дека за стопанството е многу битна добрата координација меѓу фискалната и монетарната политика, што им праќа добри сигнали и на фирмите, и на бизнисите. Во последниот период подобрена е и ликвидноста. „Овозможена е и добра кредитна поддршка на стопанството, и во исто време зачувување на стабилноста на финансискиот сектор. Процентот на нефункционални кредити е понизок од сите земји во регионот“, рече Ставрески, додавајќи дека со мерката за отпис на долговите, Владата очекува дека и во тој дел ќе има подобрување на кредитното портфолио. Во иднина секако дека ќе има и предизвици, рече министерот, но тој смета дека финансискиот сектор ќе продолжи да биде и стабилен, и да остварува добри резултати.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија и прв човек на Шпаркасе банка, Глигор Бишев, рече дека во Македонија пазарот на обврзници и капитал не е развиен, и најголемиот товар за финансирање паѓа на банките. „Каматните стапки во ЕУ се на историски најниско ниво. Имајќи предвид дека олабавувањето на монетарната политика уште ќе трае, тоа ќе значи дека и натаму ќе има лесен пристап до кредити. Но, регулаторните органи и во ЕУ и во земјава ќе бараат од финансиските институции да водат сметка на кого одобруваат средства, и тоа да биде за издржани проекти“, рече Бишев. Според него, по две-три години, сега ликвидноста на претпријатијата расте побрзо, со стапки од 8 до 9 отсто, од онаа кај населението, чии стапки се од 4 до 5 отсто.

За состојбите во осигурувањето беше посочено дека пазарот, иако има раст во последните години, се' уште не е развиен, бидејќи е ориентиран главно кон моторните осигурувања.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik